Екипата на Превалец извојува голема победа на гостински терен, совладувајќи ја Тополка со 1:2 во рамки на 21. коло од Третата фудбалска лига – Југ, и сериозно ја вжешти битката за врвот. Гостите први го отворија резултатот преку Кристијан Маневски во 33. минута, носејќи водство и самодоверба за Превалец. Сепак, радоста траеше кратко, откако домашниот состав експресно возврати преку Николче Стојанов и израмни само три минути подоцна, во 36. минута.
Во вториот дел се водеше израмнета и борбена игра, а решавачкиот момент се случи во 78. минута кога Ѓоре Црнушев ја затресе мрежата за конечни 1:2 и голема радост кај гостите. Со оваа победа, Превалец се приближи на само три бода до лидерот Борец 1919, кој во ова коло беше слободен, најавувајќи драматичен финиш на сезоната.
Во следното коло следува директна пресметка помеѓу Превалец и Борец 1919, натпревар кој може да го даде одговорот на прашањето, кој ќе биде нов шампион во Третата лига – Југ.

















