Предлагачите на новиот закон за заштита од пушењето не го слушнаа гласот на сопствениците на малите продажни објекти, како што се тобако продавниците, киосците, мини маркетите и другите мали семејни бизниси и не ги вградија нивните аргументи во драфт-верзијата на законот која наскоро треба да стигне до Владата.
Уште при објавувањето на првичната верзија на законското решение, малите трговци предупредија дека ќе бидат сериозно економски погодени, што ќе резултира со големи финансиски загуби за нивните бизниси, отпуштање вработени, како и затворање на дел од овие малопродажни објекти.
И во новата верзија на предлог-законот останува обврската тутунските производи да не бидат видливи за купувачите, односно да се чуваат во затворени и непроѕирни шкафови. Дополнително, се задржуваат и строгите ограничувања за било каква комуникација или означување поврзано со овие производи во самите продажни објекти. Овие мерки директно ги погодуваат малите трговци кои во изминатите години инвестирале во уредување на продажните места, опрема и брендирање согласно тогаш важечките прописи. Со новите правила, тие инвестиции практично ја губат својата функција и бараат нови вложувања, што создава сериозен финансиски притисок врз бизнисите кои и онака работат со ограничени ресурси.
















