Велешката одбојка доби ново признание, двајца играчи на Борец се најдоа на поширокиот список на селекторот Јошко Миленкоски за настап во Европската лига 2026. Повик во сениорскиот национален тим добија Филип Лепидовски и Дарко Жабев, кои ќе имаат можност да го облечат дресот на Македонија и да се наметнат на највисоко ниво.
Овој повик е уште една потврда за континуираниот раст на велешките одбојкари и квалитетната работа во редовите на Борец. Лепидовски и Жабев со своите настапи сезонава беа меѓу најзабележителните, а нивниот ангажман не остана незабележан од стручниот штаб на репрезентацијата.
Подготовките за Европската лига стартуваат во Крушево, по што од 13 мај репрезентацијата се сели во Скопје, каде ќе се темпира формата за претстојните предизвици. Во пресрет на натпреварите, избраниците на Миленкоски ќе одиграат и две контролни средби против селекцијата на Црна Гора во Подгорица, во периодот од 27 до 29 мај.
Првиот турнир од Европската лига Македонија ќе го организира на домашен терен во Струмица. Нашата репрезентација на 5 јуни ќе се соочи со Холандија, додека два дена подоцна ќе ги одмери силите со Луксембург.



















