Вчера се одиграа полуфиналните натпревари од Купот на ОФС Велес, кои донесоа сигурна победа, но и вистинска фудбалска драма.
Екипата на Младост продолжува со одличните настапи и по вторпат едноподруго ќе игра во финалето, откако на гостински терен ја совлада Локомотива со 0:2. Прашањето за победникот беше решено уште во првото полувреме – Јавашев Никола погоди во 21. минута, а Антонов Горан ја зголеми предноста во 40. минута за мирен финиш и ново финале за Младост.
Далеку повозбудливо беше на вториот полуфинален дуел, каде Согле и Врановци одиграа натпревар за паметење, кој заврши со резултат 4:3. Согле тргна фуриозно – Димовски Филип отвори во 14. минута, а само минута подоцна Аријан Колашинац зголеми на 2:0. Истиот играч повторно погоди во 26. минута за убедливо водство. Во второто полувреме, Врановци се вратија во игра преку хет-трикот на Јонузи Дритон (47’, 54’, 61’), но Арбен Џини во 72. минута го постигна решавачкиот погодок за Согле и пласман во финалето.

















