Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека САД привремено ги одложуваат планираните воени напади врз иранските електрани и енергетска инфраструктура, по, како што напиша, „многу добри и продуктивни разговори“ со Иран.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп истакна дека во изминатите денови се воделе интензивни разговори меѓу двете страни, кои отвораат можност за намалување на тензиите и потенцијално дипломатско решение. Како резултат на тоа, донесена е одлука за привремено одложување на нападите врз клучната енергетска инфраструктура.
Овој потег следи по зголемените тензии меѓу САД и Иран, откако претходно беа најавени можни воени дејствија поради ескалацијата во регионот и заканите за енергетските капацитети.
Во меѓувреме, пазарите реагираа бурно. Цената на нафтата „Брент“ забележа остар пад од речиси 12 отсто, спуштајќи се до околу 96 долари за барел, откако претходно достигна ниво од 114,43 долари поради изјавите на Трамп и стравувањата од ескалација.

















