Во сабота со почеток од 16 часот на Градскиот стадион Зоран Паунов во Велес ќе се одигра финалниот натпревар од Купот на ОФС Велес, во кој силите ќе ги одмерат екипите на Младост и Согле.
Тимот на Младост продолжува со одличните настапи оваа сезона и по вторпат по ред обезбеди место во финалето на Куп-натпреварувањето. Во полуфиналето Младост славеше на гостински терен против Локомотива со 0:2.
Од другата страна, составот на Согле до финалето стигна по драматичен и ефикасен полуфинален натпревар против Врановци, во кој славеше со 4:3. Со тоа Согле обезбеди можност да се бори за пехарот во едно од најважните соочувања сезонава.
Минатогодишниот освојувач на Купот беше Горски, кој во финалето по подобро изведување на пенали ја совлада екипата на Младост. Се очекува интересен и неизвесен натпревар, а љубителите на фудбалот во Велес ќе имаат можност да проследат уште едно возбудливо Куп-финале.



















