Фудбалскиот талент со македонско потекло, 19-годишниот Един Етоски, направи голем чекор во својата кариера откако потпиша професионален договор со швајцарскиот гигант Јанг Бојс, кој ќе го задржи во клубот до 2030 година.
Етоски е роден во Швајцарија, но неговите корени водат од велешкото село Мелница, што дополнително ја прави оваа приказна блиска и значајна за велешката и македонска спортска јавност. Станува збор за фудбалер кој израснал во системот на Јанг Бојс, каде што континуирано го градел својот потенцијал и се наметнал како еден од најперспективните млади играчи.
Своите први фудбалски чекори ги направил на само осумгодишна возраст во клубот ФК Блау-Вајс Обербург, по што кариерата ја продолжил во Тим Оберааргау Ементал. Неговиот талент не останал незабележан, па во 2021 година станал дел од академијата на Јанг Бојс, клуб кој важи за еден од најуспешните во Швајцарија со дури 17 шампионски титули.
Во текот на актуелната сезона, крилниот напаѓач настапи на 14 натпревари за вториот тим на Јанг Бојс, при што постигна три погодоци и запиша две асистенции, учинок кој јасно укажува на неговиот развој и потенцијал.
Она што дополнително го става во фокусот е неговиот репрезентативен статус, Етоски веќе има настапи и за Македонија и за Швајцарија во младинските категории до 17 години. Токму затоа, сега е вистински момент Фудбалска федерација на Македонија внимателно да го следи неговиот развој и навремено да реагира, со цел овој талент да го облече сениорскиот дрес на Македонија.

















