На денешен ден во 2004 година, во авионска несреќа близу Мостар-Б и Х, животот го загуби вториот претседател на Македонија, Борис Трајковски, заедно со членовите на неговиот кабинет, обезбедувањето и екипажот на авионот „ Кингер“.
По тој повод денеска се очекува бројни делегации да положат свежо цвеке на гробот на Трајковски, но и на неговите спомен – обележја во Струмица и Ротимље.
Владиниот „Кингер“ со кој Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо, кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето.
Според првата истрага што ја водеа македонски и босански органи, причина за уривањето на авионот се пропусти на екипажот, направени во процедурата за приоѓање на аеродромот во Мостар, во услови на густа магла и облачност. Па, на барање на македонските власти и по собирање на дополнителните докази од македонската полиција, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година. Неа ја водеше меѓународен тим. А, во нивниот извештај, како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.

















