Минималните трошоци за живот на едно четиричлено семејство во февруари повторно се зголемија, покажуваат најновите податоци на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Според синдикалната минимална потрошувачка кошничка, на семејствата им биле потребни 67.382 денари, што е за 969 денари повеќе во споредба со јануари.
Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, трошоците дополнително растат и достигнуваат 82.757 денари месечно, што за многумина претставува сериозен товар врз домашниот буџет.
Најголем пораст има кај храната. Ако во јануари за основни прехранбени производи биле потребни минимум 24.211 денари, во февруари таа сума се искачила на 25.156 денари, зголемување од речиси илјада денари само во овој сегмент.
Од ССМ предупредуваат дека за само два месеца од почетокот на годината, растот на трошоците практично го „изел“ најавеното усогласување на минималната плата, кое треба да се реализира во март. Според синдикатот, ваквата динамика на поскапувања дополнително ја продлабочува разликата меѓу примањата и реалните потреби на граѓаните, оставајќи ги семејствата во постојана трка со инфлацијата.

















