Агенцијата за храна и ветеринарство го засилува надзорот поради појавата на вирусот на Западнонилска треска кај птиците. Досега се потврдени два позитивни лабораториски резултати – еден кај угината птица пронајдена на подрачјето на Скопје и еден кај птица пронајдена во Ресен.
Од АХВ информираат дека од 24 до 27 август пристигнале повеќе од 100 пријави од граѓани за пронајдени угинати птици. Сепак, не сите пријавени птици се соодветни за лабораториско испитување на Западнонилска треска. Дел од пријавите се однесувале на врапчиња и други видови кај кои не може да се земе соодветен примерок за ова испитување.
Засилениот надзор се спроведува на целата територија на државата, а со него се опфатени домашна живина, птици кои се чуваат во затворен или ограден простор, како и водни и диви птици.
Ќе се земаат примероци од различни видови живина и диви птици, меѓу кои кокошки, мисирки, фазани, потполошки, ноеви, како и гуски, патки, лебеди, штркови, чапји, соколи, галеби, бувови, корморани и јастреби.
АХВ апелира до одгледувачите на живина да ги почитуваат мерките за биосигурност и да го ограничат контактот меѓу домашната живина и дивите птици. Секоја зголемена или невообичаена смртност кај живината задолжително треба да се пријави кај ветеринарно друштво или официјален ветеринар.
Од Агенцијата посочуваат дека поединечна угината птица во урбана средина не треба да создава непотребна паника кај граѓаните. Поголемо внимание е потребно доколку на исто подрачје, во краток временски период, се забележат повеќе угинати гаврани или други диви преселни птици.
Пријавите од граѓаните се обработуваат, а во Скопје АХВ во соработка со градските комунални служби ги подигнува пронајдените угинати птици. Примероци се земаат само од птици кои се погодни за лабораториско испитување, по што се врши нивно отстранување и дезинфекција на местото.
Од АХВ велат дека и покрај ограничените човечки ресурси, постапуваат по најголем дел од пријавите, согласно проценката за потребата од земање примероци и лабораториско тестирање.






















