Ангел Љутков: „Секоја криза ни беше лекција – Борец Баскет созрева за Супер лигата“

И покрај административни пропусти, повреди и натпревари одиграни далеку од Велес, Борец Баскет успеа да го задржи курсот и да ја стабилизира формата во Првата лига. Во новогодишното интервју за Батали.нет, тренерот Ангел Љутков отворено зборува за тешките моменти од сезоната, значењето на младинската школа, борбата со ограничени ресурси и поддршката од градот, но и за амбицијата која станува сè погласна – Борец Баскет чекор по чекор да се издигне до Супер лигата.

Батали.нет: Минатата сезона заврши прерано за Борец Баскет. Што беа главните причини и што научивте од тој период?

Agria

„Минатата сезона имавме солидни и стабилни резултати сè до натпреварот со МЗТ 2. За жал, поради ниската температура во салата во Велес, бевме приморани домашен натпревар да играме во Скопје, нешто што за првпат ѝ се случи на нашата екипа. Тој натпревар донесе низа околности кои силно нè погодија: административна грешка во записникот, поради која наш играч настапи, а не беше евидентиран, резултираше со службен пораз и минус бод. Тоа директно нè симна на табелата и нè принуди во плејоф да играме со значително посилен противник. Таа ситуација беше голема лекција – дека во спортот, покрај теренот, подеднакво важни се организацијата, концентрацијата и секој детаљ“.

Батали.нет: Новата сезона започна со два порази, но потоа следуваа sedum победи во низа. Што се смени во играта и менталитетот на екипата?

„Двата порази дојдоа во многу специфичен момент. Тие натпревари ги одигравме без тројца играчи кои имаат важна улога во ротацијата, а дополнително, неочекувано поради повреда останавме и без Стефан Митрев, наш најдобар и најконстантен играч од претходните сезони. На сето тоа се надоврзаа и две тешки гостувања против едни од најквалитетните екипи во Првата лига – Штип и Струмица, клубови со сериозни амбиции и буџети за пласман во Супер лигата. Во Штип бевме целосно конкурентни три четвртини, а и во Струмица покажавме карактер. Кога тимот се комплетираше, улогите се расчистија и хемијата се стабилизираше, резултатите логично дојдоа“.

ФОТО: ДУКОВА

Батали.нет: Борец Баскет моментално изгледа како сериозен кандидат за врвот. Дали оваа екипа има капацитет да се бори за пласман во најквалитетната лига?

„Да, но со многу работа и без еуфорија. Имаме квалитет, карактер и тимски дух. Ако останеме здрави, фокусирани и дисциплинирани, верувам дека можеме сериозно да се бориме за врвот. Сепак, секој натпревар го третираме како финале“.

Батали.нет: Публиката во Велес повторно почна да ја препознава кошарката како важен спорт. Дали сметате дека градот е подготвен за натпревари од елитното натпреварување?

„Публиката веќе го даде одговорот. Салата повторно живее, луѓето доаѓаат, навиваат и ја чувствуваат екипата како своја. Велес има кошаркарска традиција и глад за квалитетни натпревари. Со подобрени услови, градот дефинитивно е подготвен за елитно натпреварување“.

ФОТО: ДУКОВА

Батали.нет: Колку е тешко да се одржи континуитет во резултатите со ограничени ресурси и како се мотивираат играчите во такви услови?

„Исклучително тешко, но не и невозможно. Клучот е искрен однос со играчите, јасна цел и чувство дека се дел од нешто поголемо. Кај нас мотивацијата не е само финансиска – туку чест да се носи дресот на Борец и да се брани бојата на градот. Оваа сезона со нашиот тим менаџер Кокан Темелковски остваруваме контакти со велешки фирми и бизнисмени и се надеваме на нивна подршка, тука е и општина Велес кој одвојува одредени средства со кој искрајно можеме да покриеме одредени трошоци, а секако најважна е помошта од нашите навивачи кој со секоја купена влезница и дел од опремата која ја нудиме дирекно ни помага да можеме да егзистираме“.

Батали.нет: Еден од клучните сегменти за иднината се младите категории. Каква е состојбата со младинската школа на Борец Баскет и дали таму гледате потенцијал за идни првотимци?

„Младинската школа е наш стратешки приоритет и скоро повеќе од 20 години сериозно се грижиме за иднината на клубот. Особено горди сме на фактот што во последните три години сме редовни учесници на завршните „фајнал фор“ турнири, освојуваме медали и веќе имаме четворица репрезентативци во младинските категории. Настапуваме во сите возрасни генерации – до 12, 14, 16 и 18 години – и преку голем број сезонски натпревари создаваме широка и квалитетна база на играчи за сениорскиот тим. Дел од тие млади кошаркари веќе редовно добиваат шанса и во сениорска конкуренција, што е најдобар показател дека работата оди во вистинска насока. Учествуваме и на меѓународни турнири, каде нашите млади се натпреваруваат со силна конкуренција, и искрено веруваме дека Борец Баскет има светла и стабилна кошаркарска иднина. Секако за прв пат сезонава сме и сериозно подржани од два спонзора, Златко Љутков и неговиот Пододекор и нашиот бивш кошаркар Трајче Караџов преку „Ескејп кафе“ за да децата се сериозно опремени, и без финасиски трошоци се и нивните родители, плус сериозен кондициски тренер и подршка од фитнес тренерот Дејан Стоевски и теретана „Колектив“ каде редовно се тренира и на подобрување на физичката сила“.

Батали.нет: За крај, која е Вашата новогодишна желба – и лична, и тренерска – за Борец Баскет и велешката кошарка во 2026 година?

„Борец Баскет оваа сезона ќе игра плејоф, што е потврда дека сме на вистинскиот пат. Но за следниот чекор ни е потребна заедничка поддршка – од навивачите, од Општината и од општествено одговорните компании. Реконструкцијата на салата „Гемиџии“ и поставувањето паркет, кој е основен услов за настап во Супер лигата, се клучни чекори за иднината на клубот и кошарката во Велес. Ние како стручен тим, тренери и управа сме подготвени за највисок дострел. Сега е моментот да се искористи оваа позитивна еуфорија, оваа енергија и младината што доаѓа, и сите заедно да се обединиме околу една заедничка цел – Борец Баскет во Супер лигата.“

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: