Апелациониот суд Скопје ги потврди доживотните казни затвор за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Во исто време, судот ја укина ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и предметот го врати на повторно судење.
Одлуката е донесена на 10 јули, по јавната седница одржана во мај, на која Апелација ги разгледа жалбите, списите по предметот и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје.
Со ова, второстепениот суд ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во осудителниот дел, со која четворицата обвинети беа прогласени за виновни за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и осудени на доживотен затвор.
Од Апелациониот суд соопштија дека, поради обемниот доказен материјал и сложеноста на предметот, писмената одлука е во изработка и дополнително ќе биде објавена на веб-страницата на судот.
Во однос на Александар Ѓорчевски, Апелација ја укина ослободителната пресуда и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот суд. Тој беше обвинет за помагање во грабнувањето на својата ќерка, односно дека давал информации за нејзините секојдневни навики и времето кога одела на училиште, наводи што во текот на постапката ги негираше.
По правосилноста на пресудата, се очекува Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, кои речиси три години се во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, да бидат префрлени во КПД „Идризово“, каде ќе ја издржуваат казната.

Според обвинението, групата го испланирала грабнувањето на 14-годишната Вања со цел да изнуди пари од член на нејзиното потесно семејство, додека Панче Жежовски бил киднапиран за да им го отстапи своето возило „ситроен“, кое требало да биде искористено при грабнувањето на девојчето.
Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27, односно 24 ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември во близина на Скопје и Велес.























