Македонската Армија денеска го одбележува својот 33-ти роденден со централна свеченост во касарната „Јане Сандански“ во Штип. Настанот ќе мине во знак на три децении исполнети со верност кон државата, професионалност и пожртвуваност, а ќе биде проследен од највисоки државни и воени претставници.
Присутните ќе ги поздрават претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски. Во рамките на свеченоста ќе бидат промовирани 26 потпоручници и 149 подофицери.
Со специјално признание „Орден за воени заслуги“ ќе биде награден Центарот за обука на питомци и офицери, дел од Командата за обука и доктрини. Одликувањето ќе го врачи претседателката Сиљановска-Давкова.
Очекувањата се дека на настанот ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Африм Гаши, членови на Владата и Парламентот, поранешни министри и началници на Генералштабот, пензионирани генерали, како и претставници на институции и на воено-дипломатскиот кор.
Во пресрет на 18 август – Денот на Армијата – министерот Мисајловски упати честитка до припадниците на воените сили, нагласувајќи ја нивната храброст и оданост кон татковината.
Свеченостите започнаа уште во петокот, со собир пред Министерството за одбрана и Генералштабот, каде Мисајловски и генерал-мајор Лафчиски се обратија пред вработените. На собирот беа присутни и генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, бригаден генерал Орце Јордев и други гости.
Синоќа, пак, во касарната „Илинден“ во Скопје беше одржана традиционалната почесна артилериска стрелба, при што беа истрелани десет плотуни од артилерискиот баталјон.
Роденденот на Армијата е врзан за 18 август 1943 година, кога на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“ – првата организирана воена единица на НОВ во Македонија. Современата Армија, пак, почна да се формира во 1992 година, кога претседателот Киро Глигоров го потпиша договорот со ЈНА за нејзино повлекување од територијата на државата.
Денес, македонската Армија е рамноправен дел од НАТО-сојузот, откако во март 2020 година Северна Македонија стана 30. членка на Алијансата.