Велешкиот кошаркарски прволигаш, екипата на Борец Баскет официјално го претстави новото засилување во своите редови – искусниот Предраг Пајиќ, кој ќе го носи дресот на велешани во завршницата од сезоната и во плејофот од Првата кошаркарска лига.
Ангажманот на Пајиќ доаѓа во клучен период за Борец, кој со овој потег добива играч што ќе го пополни недостатокот на крилната позиција и ќе внесе дополнителна стабилност, искуство и сигурност во играта. Станува збор за кошаркар со богата домашна и регионална кариера, со настапи за екипи како Вардар, Фени, Кожув, Пелистер и ФМП, а во текот на актуелната сезона беше дел од составот на Овче Поле.
Од таборот на Борец Баскет очекуваат Пајиќ брзо да се вклопи во системот на игра и да даде значаен придонес во клучните натпревари што следуваат. Дополнителен оптимизам носи најавата дека новото засилување ќе го има своето деби пред домашната публика веќе овој викенд токму против екипата на Овче Поле, кога навивачите во Велес првпат ќе можат одблиску да го видат во акција.
Инаку денес велешани го играат претпоследниот натпревар од регуларниот дел. Во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци тие ќе гостуваат кај екипата на Спортисимо. Се очекува велешани да се вратат на победничките патеки по саботниот пораз од Бутел. Екипата од Кавадарци е последна на табелата без ниту една победа во првенството.
















