Со одигрувањето на 14. коло овој викенд беше спуштена завесата на првиот дел од натпреварите во Првата македонска кошаркарска лига, по што следува највозбудливата фаза од сезоната.
Согласно системот на натпреварување, осумте најдобри екипи од првиот дел од шампионатот ќе формираат нова натпреварувачка група – ТОП 8, во која ќе се води директна битка за пласман во Суперлигата. Меѓу најдобрите се најде и велешкиот претставник Борец Баскет, кој како третопласирана екипа обезбеди место во плеј-оф фазата.
Покрај Борец Баскет, во ТОП 8 ќе се натпреваруваат и екипите на Вардар, Мега Баскет, Струмица ФМП, Бутел, Соколи 1933, Охрид и Водно Санс. Тимовите во оваа фаза ќе ги пренесат меѓусебните резултати остварени во првата фаза, а потоа ќе одиграат уште осум натпревари против екипите од спротивната натпреварувачка група, по системот „секој со секого“, двокружно.
Борец Баскет во новата фаза влегува со скор од три победи и три порази, што моментно го носи на делба на третото место, резултат кој дополнително ги подгрева амбициите на велешани за висок пласман.
Првото коло од новоформираните натпреварувачки групи е закажано за овој викенд, а натпреварувањата во ТОП 8 ќе траат до 5 април. Во воведното коло, велешкиот кошаркарски прволигаш ќе гостува кај екипата на Водно Санс, која во првата фаза оствари скор од две победи и четири порази. Пред Борец Баскет е сериозен предизвик, но и шанса Велес повторно да сонува суперлигашки кошаркарски вечери.

















