На 30 мај во Кочани ќе се води голема битка за место во Втората македонска фудбалска лига, каде што силите ќе ги одмерат ФК Борец 1919 АД, шампионот на Третата лига – Југ и гевгелиски Кожуф, деветопласираниот тим од второлигашката конкуренција. Влогот е огромен, а традицијата најавува неизвесен натпревар до последниот судиски свиреж.
Спортската редакција на Батали.нет направи пресек на досегашните меѓусебни дуели меѓу двата клуба од осамостојувањето на Македонија до денес, а статистиката покажува речиси израмнет баланс. Борец 1919 и Кожуф досега одиграле 14 официјални натпревари. Велешани имаат пет победи, Кожуф е за нијанса подобар со шест триумфи, додека три средби завршиле без победник.
Последните две пресметки беа одиграни минатата сезона, кога Борец настапуваше во Втората лига. Тогаш, Кожуф славеше на домашен терен со 2:1, а велешани возвратија со идентична мера, победувајќи со 2:1 пред својата публика.
Иако бројките ветуваат драматичен и израмнет натпревар, фудбалот многупати покажал дека статистиката не мора да значи ништо на теренот. Формата, моменталната атмосфера во тимовите и инспирацијата во клучните 90 минути честопати се пресудни во вакви бараж натпревари.
Кој ќе се радува на место во Втората лига ќе биде познато во сабота во Кочани, каде што се очекува голема поддршка и од велешките и од гевгелиските навивачи.






















