Бубе Црвенпанов: Спортските игри прераснаа во настан што го живее целиот град

Со рекорден број учесници, интернационален карактер и натпревари распоредени низ целиот Градски парк, Спортските игри во Велес годинава уште еднаш ја потврдија својата важност на спортската и културната мапа на градот. По изданието со 660 пријавени спортисти, од кои над 120 странци, организаторот  Бубе Црвенпанов од „Евентив“ во новогодишно интервју зборува за изминатата година, растот на манифестацијата и визијата за петтото, јубилејно издание.

Батали.нет: Годината што изминува беше исклучително успешна за Спортските игри. Како од денешна перспектива гледате на изданието што се одржа од 3 до 7 јуни?

Agria

„Од денешна дистанца можам да кажам дека изданието од 3 до 7 јуни ни ги надмина очекувањата. Имавме одлична енергија, фер спортска атмосфера и настан кој пет дена живееше буквално од утро до вечер. Во текот на тие денови, Спортските игри ги посетија околу 20.000 гледачи, што за нас е јасен сигнал дека настанот прераснува во сериозен спортски и градски бренд. За нас како организатори најважно е што Игрите станаа место каде што се собираат спортисти, рекреативци и публика од различни генерации и сите си заминуваат со насмевка. Велес тие денови буквално дишеше спорт“.

Батали.нет: Лани учествуваа 660 спортисти, меѓу кои и над 120 интернационални учесници. Што значи овој податок за вас како организатор и за самиот Велес? 

„Овој податок за нас има посебна тежина. Кога ќе видиш 660 спортисти, од кои над 120 доаѓаат од странство и од вкупно 8 различни држави, тогаш сфаќаш дека Спортските игри одамна не се само локален настан. Тоа директно значи раздвижување на градот, полни сместувачки капацитети, живи кафулиња и ресторани и гости кои за првпат го запознаваат Велес. Токму тоа ни е и целта, преку спортот да го подигнеме спортскиот туризам и да го ставиме Велес на мапата како град што знае да пречека, да организира и да остави убав впечаток. За нас како организатори ова е најголемата мотивација, кога ќе видиш дека луѓето си заминуваат со желба пак да се вратат, знаеш дека си направил нешто вистинско“.

Батали.нет: Натпреварите во баскет 3×3, фудбал, тенис, одбојка и teqball се одржуваа на повеќе локации во Градскиот парк. Колку е комплексна организацијата на еден ваков мултиспортски настан?

„Организацијата на еден ваков мултиспортски настан е навистина многу, многу комплексна. Пет различни спорта, повеќе локации во исто време, распоред, судии, опрема, логистика, безбедност, се мора да функционира како часовник. Во целиот процес се вклучени над 30 луѓе во организација и логистика и околу 50 волонтери, а секоја година се пријавуваат уште повеќе затоа што луѓето едноставно сакаат да бидат дел од ова. Искрено, без добра екипа ова е невозможно. Но кога ќе се спојат младост, искуство и искрена љубов кон спортот и градот, пречки едноставно нема. Само предизвици што не тераат да бидеме уште подобри“.

Батали.нет: Каква беше поддршката од локалната заедница, институциите и спонзорите и колку таа е клучна за континуитетот на Спортските игри?

„Поддршката од локалната заедница, институциите и спонзорите е клучна за континуитетот на Спортските игри. Министерството за спорт ни обезбедува финансиска и организациска поддршка, а министерот оваа година лично го посети настанот и беше искрено воодушевен од она што го виде. Општината Велес, најискрено, во текот на настанот ни помага буквално со сè што им е на располагање – од механизација, обезбедување на простори, до оперативна поддршка на терен. Паричната помош е тука, но вистинската вредност е во тоа што секогаш можеш да се потпреш на нив, а градоначалникот лично понекогаш се вклучува и на терен, да помогне при местење на подлога за баскет, помош и повик доколку нешто ни фали, без никакви “церемонии” и политички “бодови”. Голема благодарност им должиме и на Дервен ЈКП, Брза помош, Полиција и Пожарна служба, чија професионалност го прави настанот безбеден и беспрекорно организиран. Особена благодарност сакаме да изразиме до нашиот генерален спонзор ВЛТ – Државна видеолотарија и Касинос Аустриа, без чија помош верувајте, настанот не би можел да се одржи ни приближно како што изгледа. Секако, тука се и сите други спонзори кои несебично помагаат и допринесуваат во Игрите, нив можете да ги видите и на нашите социјални мрежи. Токму ваквата сплотена, активна и несебична поддршка од институции и спонзори ни овозможува Спортските игри да продолжуваат да растат и да се развиваат од година во година, создавајќи настан кој го живее цел град и го спојува спортот, заедницата и туристичкиот потенцијал на Велес“.

Батали.нет: Спортските игри следната година ќе се одржат по петти пат. Што може да очекува публиката од јубилејното издание?

„Следната година Спортските игри ќе го доживеат своето петто, јубилејно издание и можеме ексклузивно да најавиме дека настанот ќе трае најмалку еден ден повеќе. Публиката ќе може да ужива во баскет 3×3 (се надеваме конечно на дозвола од FIBA за одржување на Challenger), мал фудбал, тенис и одбојка, сеуште размислуваме за нови додатни спортови, со уште повеќе натпревари, уште повеќе дружба и уште повеќе спортска енергија. Како и досега, Градскиот парк ќе биде срцето на случувањата, а Велес неколку дена ќе живее во спортски ритам од утро до вечер. Нема да откриваме сè однапред, но сигурно е едно дека јубилејното издание ќе биде погласно, подолго и поинтересно од сите досегашни“.

Батали.нет: Дали размислувате за воведување нови спортови или проширување на програмата со дополнителни содржини?

„Оваа година размислуваме за неколку новитети во програмата на Спортските игри. Teqball најверојатно нема да го оставиме, поради комплексноста на теренот и затоа што ни одзема денови и простор од баскетот, кој сепак е многу поатрактивен за публиката. Размислуваме и за воведување на е-спорт, со компјутерска игра која ќе има добар сетап и ќе биде интересна за публика, но официјално уште не можеме да најавиме ништо. Дополнително, размислуваме и за други содржини како фестивали – музички или street food, на пример. Најважно е дека сме отворени за совети, критики и идеи од сите велешани, бидејќи ова е настан за сите нас. Кога ќе го научиме тоа, Спортските игри ќе станат уште поголеми, поинтересни и уште повозбудливи“.

Батали.нет: Колку ваквите настани придонесуваат за промоција на Велес како спортска и туристичка дестинација?

„Мислам дека сè уште не сме свесни колку голем потенцијал има овој настан. Спортските игри се единствени – 3-4 спортови истовремено на исто место создаваат атмосфера што се памети. Ова не е важно само за натпреварувачите, туку и за сите хотели, ресторани и кафулиња во градот, треба да се почувствува бенефитот и да се направи вистинска градска фешта од 6-7 дена, така што секој што ќе дојде ќе сака пак да се врати. А, да не заборавиме, доаѓаат врвни спортисти од целиот регион и од Европа. Една европска шампионка до 21 година од Шпанија ја видела атмосферата и беше воодушевена, па дојде и играше овде. Тоа е најдобриот доказ дека Велес има сè за да се позиционира како вистинска спортска и туристичка дестинација“.

Батали.нет: Со што лично влегувате во новата година – кои се вашите желби и цели за „Евентив“ и Спортските игри во 2026?

„За нас, како Евентиве и како Спортско здружение Спортски Игри Велес, новата година значи целосен фокус на Спортските игри. Секој од нас професионално се занимава со своја работа, но како здружение и друштво сме посветени исклучиво на организацијата и развојот на Игритe. Нашата цел за 2026 е да ги направиме уште повозбудливи, поорганизирани и поатрактивни, со уште поголема енергија за спортисти и публика. Сакам да им искажам голема благодарност на Влатко и Коки за тенисот, Жаре Колев и Тале Миланов за одбојката,Жарко Спасовски и Маријан Јаковлевски за фудбалот и SoundOfTheNet 3×3 без кои овие игри немаше да бидат тоа што се. Во име на сите во Здружението и Евентиве, ви посакувам среќни и радосни Новогодишни и Божиќни празници. Нека 2026 биде година полна со спорт, забава и убави моменти за сите Велешани и љубители на спортот!

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: