Слободан Трендафилов од сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повторно апелираше до пратениците во Собранието итно да започнат со законска процедура за зголемување на минималната плата, со цел истата да достигне 500 евра уште од августовската исплата.
Тој на ФБ вели дека ваквото зголемување е и оправдано и неопходно, особено ако се земат предвид споредбите со платите во земјите од регионот и ЕУ, но и актуелната економска и социјална состојба во државата.
„Барањето на ССМ за зголемување на минималната плата е оправдано, потребно и одржано… Потребен е вонреден раст на минималната плата со кој истата ќе се зголеми на 500 евра, за да не се случи во Македонија да имаме најниско платени работници, а највисоко платени функционери“, порачуваат од Синдикатот.
ССМ ги повика сите пратеници да се одважат и да го поддржат предлогот, истакнувајќи дека со зголемување на минималната плата ќе се зголемат и останатите плати во државата.
„Да видиме кој е за, а кој е против работниците“, пишува Трендафилов од ССМ.