Десетици граѓани од Чашка дојдоа пред зградата на ДИК во Скопје. Со нив беше и победникот на изборите за оваа општина, Суат Шаќири, од редовите на НАИ. Тие изјавија дека дошле да ги одбранат своите гласови, за кои имало пет жалби од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, чијшто кандидати ги загубија изборите. Додека надвор стоеја жителите на Чашка, внатре, на седницата на ДИК, жалбите беа одбиени како неосновани, пренесува ТВ 21.
„Во записникот можете и самите да видите дека нема ниту една забелешка од ниту еден член на избирачкиот совет, како и од овластениот претставник. Согласно член 116 од Изборниот законик, секој член има право да поднесе забелешка на избирачкото место доколку се случат неправилности“, изјави Дитмире Шеху, член на ДИК.
Со мнозинство гласови на седницата на ДИК беа одбиени четири жалби на ВМРО-ДПМНЕ за избирачките места во Мелница, Горно и Долно Јаболчиште. Петтата жалба беше повлечена од самиот подносител, односно СДСМ. Потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, изјави дека според Изборниот законик не се исполнети условите за отворање на гласачките кутии, само затоа што делумно не работеле биометриските уреди на избирачките места.
„Оваа повреда е техничка, не суштинска! Таа не би можела значително да влијае врз изборниот процес, а уште повеќе го потврдува фактот што ниту еден гласач не поднел приговор за повреда на правото на глас пред ОИК. Избирачкиот совет постапил правилно и во двата случаи – и кога ја запишал забелешката во дневникот на настани и кога не ја собрал гласачката ливче“, вели Абдуш Демири, потпретседател на ДИК од ВЛЕН.
Штом ја добија официјалната потврда, присутните почнаа да слават.