Во 33 општини во државата на 2 ноември ќе се одржи втор круг од изборите за градоначалник, објави Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница на која беа презентирани конечните резултати од изборите.
По првиот круг на локалните избори во 44 општини и официјално е завршен изборот на градоначалници. Досега се чекаше на објавувањето на нивните конечни резултати поради тоа што во 11 општини беа поднесени приговори кои беа одбиени.
Втор круг од гласањето за избор на градоначалник ќе има во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари и во Градот Скопје.
Но со гласањето во недела не се заокружува изборниот процес на локалните избори, бидејќи останаа 4 општини каде ќе треба да се одржат нови избори бидејќи тие немаа освоено цензус на излезени гласачи. Тоа се општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше и таму гласањето ќе се одржи 60 дена по завршувањето на вториот круг на локалните избори.
Во четирите општини каде што не беше постигнат цензус од минимум една третина излезеност на гласачите, Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово, ќе се повтори изборната постапка за избор на градоначалник која ќе започне по завршувањето на вториот круг, односно по објавувањето на конечните резултатит од изборите.



















