Владата на денешната седница го задолжи министерството за правда да покрене активности за отпочнување на постапка за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Портпаролката на владата Марија Митева ја објави одлуката на прес конференција.
„Разочараноста на владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот што не функционира и секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушување на довербата и нефункционирањето на правната држава“, рече Митева.
Таа наведе дека аргументи за одлуката за Коцевски се извештајот на Транспаренси за Индексот на перцепција на корупција кој денеска го обелодени Транспаренси интернешнл Македонија и вчерашната одлука на Советот за јавни обвинители за замената на суспендираните виши јавни обвинители во Скопје.
„Најпрво беше отворена дебата за денешната објава за нарушување на индексот за перцепција на корупцијата во која 4 точки се однесуваат на состојби во судството и обвинителството. Дополнително последното назначување на шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје (н.з. одлука на Советот на јавни обвинители) е одлука која е незаконска. Односно надвор од одредбите пропишани со Законот за јавно обвинителство“, наведе портпаролката на владата Марија Митева.