Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да не го продолжи договорот со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски, чиј мандат истече на 30 ноември 2025 година, а во работата на најважните две репрезентации на Македонија беше вклучен од 2014 година.
Управниот одбор на ФФМ смета дека на македонската А репрезентација ѝ е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици што ја очекуваат нашата национална селекција.
„Искрена благодарност до Благоја Милевски и неговиот стручен штаб за досегашната посветена работа, професионалната соработка и постигнатите резултати. Му посакуваме здравје и многу успех во понатамошната тренерска кариера. Веруваме дека со нов стручeн тим ќе се внесе „нов ветер“ во работата на тимот, кој ќе овозможи уште поголема конкурентност и амбиција во натпреварите на Македонија“, стои во соопштението од куќата на фудбалот.
Управниот одбор на ФФМ најдоцна до 25. декември 2025 година ќе донесе одлука за назначување на нов предводник на А репрезентацијата на Македонија.

















