Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) појасни дека термините за натпреварите од Првата МФЛ се одредуваат во координација со носителот на телевизиските права, во зависност од неговата програмска шема, но и од условите на стадионите.
Од Федерацијата посочуваат дека ваквата практика е присутна и во европскиот и светскиот фудбал, каде натпревари редовно се играат во раните попладневни часови за време на викендите, како и во петок или понеделник.
Во летниот период дополнителен фактор се и високите температури, поради што можностите за промена на термините се ограничени. Кога временските услови не дозволуваат натпреварите да се играат пред 17 часот, клубовите кои немаат услови за вечерни средби мора да бидат распоредени во други термини, вклучително и во понеделник или во раните попладневни часови за време на викендите.
Телевизиските преноси, пак, зависат од програмската шема на носителот на ТВ-правата, па дел од натпреварите се емитуваат директно, а дел со одложен пренос.
ФФМ истовремено укажува дека клубовите имаат одговорност за обезбедување соодветни инфраструктурни услови. Доколку сакаат натпреварите да ги играат во вечерни термини, потребно е да имаат рефлекторско осветлување и инфраструктура што ги исполнува потребните стандарди.
Федерацијата потсетува дека клубовите од Првата МФЛ се акционерски друштва и очекува тие да вложуваат во сопствената инфраструктура и стадионите на кои ги играат натпреварите. ФФМ продолжува со инвестиции во развојот на фудбалот, но смета дека инфраструктурните прашања не можат целосно да бидат обврска на Федерацијата и дека клубовите треба да преземат поголема одговорност.
Во однос на 5. коло од Првата МФЛ, двете средби кои се играат во викенд-термините ќе имаат директен пренос преку официјалната YouTube платформа на ФФМ, додека на ТВ Арена ќе бидат емитувани со одложен пренос.
Натпреварот Аресими – Скопје е закажан за во сабота, со одложен пренос на ТВ Арена во 23 часот, додека Башкими – Шкендија Арачиново ќе биде емитуван во недела во 22:45 часот.
Останатите три натпревари од 5. коло ќе имаат директен пренос на ТВ Арена Спорт Македонија.






















