Фудбалерите на Борец не успеаја да обезбедат враќање во Втората македонска фудбалска лига, откако во бараж натпреварот одигран во Кочани беа убедливо поразени од Кожуф со 4-0. Тимот од Гевгелија го потврди второлигашкиот статус и за следната сезона, демонстрирајќи го квалитетот кој го поседува како екипа што и минатата сезона настапуваше во Втората лига.
Тимот на Кожуф уште од самиот почеток наметна свое темпо на игра и прв стигна до предност во 18. минута преку Ристе Лембовски. Во финишот на првото полувреме гевгеличани практично го решија победникот. Филип Тодороски во 45. минута зголеми на 2-0.
Во второто полувреме велешани се обидоа да го ублажат поразот, но Кожуф продолжи со сигурната игра. Петар Гугуљанов ја затресе мрежата на Борец во 54 минута за убедливи 3-0. Конечните 4-0 ги постави Дарко Стојанов во 72. минута, ставајќи печат на убедливата победа на својот тим.

Со овој пораз завршува успешната сезона за Борец во Третата лига – Југ, каде велешани ја освоија шампионската титула и изборија бараж за пласман во Втората лига. Сепак, последната пречка се покажа како преголем предизвик, па враќањето меѓу второлигашите ќе мора да почека најмалку уште една сезона.



























