Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер смета дека одлуката на Македонија да гласа „воздржано“ за двете резолуции во ОН за војната во Украина, а притоа да биде коспонзор на американската, е во најмала рака неочекувана.
„Навистина со прст посочувате важна тема со гласањето на Македонија во Њујорк кое за нас беше неочекувано. мислам дека треба да се концентираме на темата која што е важна. Постои неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но, има и поважна тема, а тоа е вредноста која денес ја даваме во Европа кон територијалниот интегритет, почит на сувереноста, империјализам на еден сосед кон друг до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет и јазик и тоа е тема која што бара единствен и обединет европски одговор. Целта на европската дипломатија е токму да се одржи таа унитарност и да се има ист и заеднички пристап кој ќе безбедност за европскиот континент за наредните години за нас и нашите деца“, рече Ле Риголер на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод презентација на програмата за годинашното одбележување на Франкофонијата.
Владата одлучи дека Македонија треба да гласа „воздржано“ при двете гласања – американската резолуција и на европско-украинската резолуција за војната во Украина.