Најмладите ракометари на велешкиот клуб „Гемиџии“ го освоија третото место на ракометниот турнир „11-ти Октомври“, кој се одржа во Куманово. Велешани до бронзениот пласман стигнаа откако во натпреварот за третото место го совладаа домаќинот МРК Куманово.
Најуспешна екипа на турнирот беше „Текстилец“ од Штип, кој го освои првото место, додека второпласиран беше „Овче Поле“ од Свети Николе. „Гемиџии“ го освоија третото место, а четвртата позиција му припадна на домаќинот МРК Куманово.
Во полуфиналната пресметка, велешкиот состав беше поразен од „Овче Поле“, но младите ракометари покажаа карактер и со победа над кумановци го завршија турнирот со одличен резултат.
Покрај конечниот пласман, турнирот имаше за цел да ја промовира ракометната игра меѓу најмладите, да ги поттикне спортските навики и да овозможи дружење и создавање нови пријателства меѓу младите спортисти.
Со ваквите настани се дава значаен придонес за развојот на младинскиот ракомет и создавањето нови генерации ракометари, кои со љубов, труд и посветеност ќе го продолжат својот спортски пат.

























