На енормно високи сметки за струја се жалат граѓани, откако ги добиле фактурите за потрошената енергија во периодот декември/јануари. Сметките покажуваат потрошувачка во третиот блок и суми од неколку десетици илјади денари. Граѓаните велат дека толку струја ниту потрошиле, ниту некогаш им дошла приближна сума за плаќање. Се прашуваат како е можна толкава разлика на износите на фактурите споредено со истиот период лани, кога оттогаш струјата е поскапена само околу 5 проценти. Ваквите високи износи најверојатно се должат на непрочитана состојба на боило, а сумите се резултат на претпоставена состојба, велат наши извори. Од ЕВН тврдат дека овој јануари само на околу 10% од потрошувачите не им биле прочитани броилата и добиле паушали. Останатите 90% добиле фактури со износи, кои соодветствуваат на потрошената струја.
„На корисниците транспарентно им е прикажан статусот на отчитување на нивното броило во самата фактура, поточно на задната страна во делот „Податоци од броило“. Доколку фактурата е означена со „О“, тоа значи дека броилото е отчитано, додека ознаката „М“ укажува дека фактурата е изготвена врз основа на претпоставени вредности на потрошувачка. Бројот на поднесени поплаки во јануари е помал во однос на минатата година во истиот период.“
Ова не е прв пат во овој период граѓаните да се жалат на високи сметки. Затоа, Регулаторната комисија за енергетика уште пред нова година ја предупредила компанијата на ЕВН одговорна за електродистрибуција за потребата од редовно и навремено отчитување на броилата, со цел да се избегнат големи разлики помеѓу реалната и претпоставената потрошувачка. Од Регулатрна велат дека било предочено на важноста за транспарентност и отчетност при издавање фактури, посебно точноста на податоците при промена на цените и тарифните блокови.
„Регулаторите напоменаа дека клучно е во првите недели од јануари да продолжи редовното отчитување, за што од Електродистрибуција информираа дека имајќи го во предвид овогодинешното искуство со поплаките за претстојните празници се организирани во вонредни екипи кои и за време на празниците и викендите ќе вршат отчитување се со цел потрошувачите да добиваат сметки со реална, а не прогнозирана потрошувачка“, велат од Регулаторната комисија.
Граѓаните кај кои броилото не е отчитано и е впишан паушал, можат да побараат корекција на сметките. Доколку не добијат, можат да се жалат во Регулаторна.

















