Трошоците на живот во земјава бележат пораст од 3,3 отсто во мај 2025 година во однос на истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Индексот на цените на мало, пак, е зголемен за 1,6 проценти во истиот период.
На месечно ниво, најзначајно зголемување на трошоците е регистрирано кај храната и безалкохолните пијалаци – за 4,1 отсто во мај во однос на април годинава. Зголемување има и кај разновидни стоки и услуги – 1,5%, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици – 0,8%, облека и обувки – 0,5%, рекреација и култура – 0,4%, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата – 0,3%, здравје – 0,1%.
Од друга страна, најголемо намалување на трошоците е забележано кај транспортот, каде цените паднале за 3,6 проценти.
Податоците укажуваат на продолжен ценовен притисок врз основните прехранбени производи, додека транспортните трошоци привремено олеснуваат дел од финансискиот товар врз домаќинствата.