ФК Борец 1919 АД утре во Кочани ќе го игра натпреварот од бараажот за пласман во Втората фудбалска лига против екипата на Кожуф, а во пресрет на дуелот од таборот на велешани владее оптимизам и верба во успех.
Тренерот и фудбалер на Борец, Кирил Ивановски, истакна дека клубот сезонава ја исполнил првичната цел – пласман во баражот, посочувајќи дека Борец и Велес заслужуваат многу повеќе.
„Со завршување на сезоната ја остваривме целта, а тоа е бараж за влез во Втората фудбалска лига, место каде што припаѓа овој клуб, овој град. Не само Втора лига, туку и прволигашки фудбал“, изјави Ивановски.
Тој нагласи дека сезонава Борец настапувал со млади и талентирани фудбалери кои сакаат да напредуваат и да се докажуваат, но потенцираше дека ждрепката на велешани им доделила исклучително тежок противник.
„Од сите екипи, Кожуф е еден од најстандардните второлигаши, но што е тука е. Мораме да му се спротивставиме со сите сили и да покажеме дека Велес е град кој го сака фудбалот“, додаде Ивановски.

Пред натпреварот порака испрати и фудбалерот Стефан Филиповски, кој на полусезоната се врати во матичниот клуб со цел да помогне Борец повторно да биде дел од второлигашката конкуренција.
„Сезоната ја започнав во Детонит Плачковица, но се вратив во мојот матичен клуб за да му помогнам да се врати таму каде што припаѓа. Ги повикувам сите љубители на фудбалот и симпатизери на Борец да дојдат во Кочани и да бидат наш 12 играч“, порача Филиповски.
ЗА натпреварот Борец 1919 АД – Кожуф, клубот обезбеди бесплатен автобуски превоз до Кочани за навивачите на Борец. Натпреварот започнува во 16 часот и 30 минути.






















