По четири децении молк локалитетот „Кале“ кај штипско Крупиште доби шанса да ја раскаже својата приказна. Конечно продолжија археолошките истражувања на локалитетот во кој повеќе истражувачи сметаат дека можеби е напишана првата словенска азбука.
Во осумдесетите години од минатиот век тука се откриени четири цркви и уникатна петокорабна катедрала чија изградба се лоцира во периодот од 4-ти до 10-и век. Сега има и нови докази што потврдуваат дека тука имало голем епископски центар. Тоа оди во прилог на тезата дека кај Крупиште за епископ бил назначен Методиј, а според достапните пишани извори, неговиот брат Кирил таму ја напишал глаголицата и ја почнале својата најзначајна мисија -Моравската.
За овогодинешните истражувања се одвоени 400.000 денари. Тоа не е доволно бидејќи целиот локалитет се протега на повеќе од осум хектари. Има докази дека тука имало населба уште од бронзено време, а одбрамбените бедеми на градот биле видиливи до крајот на Првата светска војна.
Според зборовите на мештаните, пред пандемијата со корона вирус, на локалитетот повремено доаѓале само авантуристи што опремени со мапи сакале да го видат местото каде можеби се родиле првите словенски букви.
Можеби ќе ве интересира: