ККК „Арка-Борец“ од Велес освои трето место во генералниот екипен пласман на Балканското клупско првенство во кајак спуст, кое се одржа во Завидовиќи, Босна и Херцеговина.
По завршувањето на натпреварите во дисциплините класик и спринт, со сумирањето на освоените медали и пласмани, велешкиот клуб се пласираше на третото место во генералниот пласман, додека во конкуренција на сениорски екипи го освои второто место.
На натпреварите во класик, кајакарите на „Арка-Борец“ остварија неколку значајни резултати. Во C2 мажи – сениори, Александар Златаров и Љубомир Спасиќ го освоија првото место. Златаров беше најдобар и во C1 мажи – сениори, додека Енис Небиовски ја освои третата позиција.
Кај ветераните 35+ во K1, Љубомир Спасиќ стигна до првото место, додека во категоријата K1 жени – пионери U14, Софија Спасиќ освои трето место. Во спринт, Златаров освои трето место во C1 мажи – сениори, а Спасиќ беше прв во K1 мажи – ветерани 35+. Во K1 мажи – сениори, Златаров заврши на второто место.
Кај јуниорите, Благој Гугинов освои второ место во K1, а трет во C1. Во C2 мажи – сениори, двоецот Спасиќ/Златаров го освои третото место. Софија Спасиќ беше второпласирана во K1 жени – пионери U12.
Успешен настап велешкиот клуб имаше и во тимските натпревари, каде екипите на „Арка-Борец“ освоија второ место во дисциплините 3xK1 мажи – сениори и 3xC1 мажи – сениори, во состав Љубомир Спасиќ, Александар Златаров и Благој Гугинов.
Третото место во генералниот пласман и второто место меѓу сениорските екипи претставуваат уште еден значаен успех за ККК „Арка-Борец“ и потврда за континуираната работа и квалитетот на велешките кајакари.






















