Велешанецот Кристијан Смилев продолжува да ниже успеси на меѓународната сцена, откако вчера триумфираше на 14. коло од Европскиот јуниорски куп, што се одржа во Чешке Буѓевице, Чешка.
Смилев, кој важи за еден од најдобрите македонски јуниори во својот спорт и беше знаменосец на македонската репрезентација на отворањето на Европските Младински Олимписки игри (ЕМОФ) 2025, убедливо го освои првото место, оставајќи го второпласираниот натпреварувач Хладик од Чешка зад себе за 5,64 секунди.
Иако по првото возење се наоѓаше на третата позиција, македонскиот натпреварувач со одличен настап во продолжението успеа да направи пресврт и да стигне до победата.

По триумфот во Чешке Буѓевице, Смилев ги продолжува настапите на 15. и 16. коло од Европскиот куп, кои ќе се одржат во Руднице над Лабем, исто така во Чешка. Овие натпревари ќе послужат како последни подготовки пред најважниот предизвик сезонава, Европското јуниорско првенство во Епинал, Франција, кое ќе се одржи од 5 до 9 август.
Со овој резултат, Смилев уште еднаш потврди дека е еден од најголемите македонски адути за висок пласман на претстојното европско првенство.

























