Левица утринава упати обвинување до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, односно споделија со јавноста дека неговиот татко во 2013 година бил осуден за, како што велат од партијата, измама на 8 лица заради примање мито при посредување за инвалидски пензии. Во партиското соопштение стои дека таткото на министерот „бил осуден на две години условна казна, затоа што од оштетените лица противправно наплатил речиси 25.000 евра, ветувајќи им дека ќе стекнат право на инвалидска пензија“.
„Односно, таткото на Тошковски безобзирно манипулирал со поединци кои очигледно во незавидна положба, биле принудени да плаќаат огромни суми за да се изборат против аномалиите на системот. Бидејќи министерот Тошковски и за време на претходната влада на Груевски бил дел од институциите на системот (преку министерството на Миле Јанакиевски), очигледно тоа што бил дел од власта било доволно за неговиот татко да прави матни зделки со инвалидските пензии.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на вчерашниот брифинг со новинарите информира дека на следната пленарна седница која треба да се одржи на 29-ти април се очекува да биде ставена интерпелацијата за Тошковски, поднесена од токму од пратеничката група на Левица.
„Уште тече рокот по Деловникот каде министерот може да даде писмен одговор, па во однос на тоа да ја закажеме седницата. Ако нема одговор уште два-три дена, ќе треба да ја закажеме најбрзо што може, односно на првата наредна седница. Очекуваме дека на 29-ти може да се реализира таа седница каде што прва точка на дневен ред ќе биде интерпелацијата„, рече Гаши.