На Светскиот ден на театарот – 27 март, во Велес стартува јубилејното петто издание на театарскиот фестивал „5ре“, кој и годинава носи богата програма и признанија за најдобрите во македонската театарска уметност. Фестивалската завеса вечерва ќе се крене на сцената на Велешки театар со премиерната изведба на претставата „Тестостерон“, во режија на Синиша Ефтимов. Претставата, во изведба на велешките актери, ќе биде на репертоарот и утре, на 28 март.
Во текот на фестивалот, кој ќе трае до 8 април, публиката ќе има можност да проследи вкупно седум претстави, меѓу кои и две гостувања од странство. Традиционално, фестивалот се одржува во чест на легендарниот Петре Прличко, а ќе бидат доделени награди за најдобра машка и женска улога, најдобра претстава и режија.

Посебно внимание привлекува и актерската награда за животно дело „Петре Прличко“, која за 2026 година му припадна на Атила Клинче. Одлуката ја донесе жири-комисијата составена од Васил Зафирлев, Слободанка Чичевска и Благојчо Стојанов. Клинче важи за еден од најистакнатите македонски актери, со богат опус во кој се вбројуваат улоги како Хамлет, Едип, Магбет, Креонт и други значајни ликови од домашната и светската драматургија.
Фестивалот „5ре“ е во организација на Плус публика, а финансиски е поддржан од Општина Велес.

















