Вистинска драма се одвивала на автопатот Скопје–Велес, каде автомобил излетал од коловозот и завршил надвор од патот, на тешко пристапен терен, оставајќи шест лица заглавени во возилото.
Несреќата се случила вчера кај месноста „Манастири“, а според информациите, станува збор за патничко возило кое управувал 68-годишен велешанец, во кое имало уште пет сопатници.
На местото веднаш пристигнале полициски екипи, пожарникари и итната медицинска помош, кои започнале драматична спасувачка акција. Теренот бил исклучително непристапен, што дополнително ја отежнало интервенцијата. Очевидци раскажуваат дека сцените биле застрашувачки – искршено возило, паника и борба со времето за да се извлечат патниците.
По напорна акција, сите шест лица биле успешно извлечени и транспортирани во болница во Велес. Според првичните информации, тие се надвор од животна опасност, што се должи на брзата реакција на службите. На терен интервенирале повеќе екипи – полиција, три возила на Итна помош и пожарникари, кои заеднички ја координирале акцијата за спасување.
Причините за несреќата засега не се познати, а увид на местото вршат надлежните служби. Од полицијата апелираат до возачите да ја прилагодат брзината и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на оваа делница која важи за ризична.



















