Змија демнеше меѓу децата на стадионот во Велес – атлетичар спречи можна трагедија

Велешкиот атлетичар Тале Илиевски алармира за сериозна опасност на Градскиот стадион во Велес, откако, како што објави на социјалните мрежи, спречил потенцијално опасна ситуација со група деца кои тренирале на теренот.

Според неговото сведоштво, додека го завршувал својот тренинг, забележал млади фудбалери како бараат изгубена топка во високата трева околу стадионот. Свесен за зголемената активност на змиите во овој период од годината, Илиевски веднаш реагирал и ги повикал децата да се движат зад него, преземајќи заштитничка улога.

Agria

Во тој момент, наишол на змија долга околу 50 сантиметри. Благодарение на присебноста, успеал да ја задржи ситуацијата под контрола и да ги оттурне децата од опасноста, без последици.

„Опасноста беше избегната, но прашањето е – до кога ќе имаме среќа?“, прашува Илиевски во својата објава.

Тој упати остар апел до надлежните институции, предупредувајќи дека е недозволиво во 21 век, на место каде секојдневно тренираат стотици деца и рекреираат граѓани, да има вакви ризици поради неодржувана и висока трева.

Илиевски бара итни мерки – косење и целосно расчистување на тревните површини околу стадионот, како и спроведување дератизација и превенција против влекачи.

„Ако не можете да гарантирате безбедност за нашите деца, затворете го стадионот пред да се случи трагедија“, порача тој.

Воедно, упати порака и до тренерите да бидат максимално внимателни и да не дозволуваат децата да влегуваат во тревните делови додека проблемот не се реши.

Останува да се види дали надлежните ќе реагираат на овој аларм и ќе преземат конкретни чекори за безбедност на спортистите и рекреативците во Велес.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: