Во текот на вчерашниот ден во СВР Велес биле пријавени два одвоени случаи на телефонски измами, во кои измамници се претставувале како лекари и барале големи суми пари за наводни итни операции на блиски членови од семејството.
Според информациите од полицијата, 69-годишен жител на Градско добил телефонски повик од непознато лице кое му соопштило дека неговата ќерка била тешко повредена и дека за операција во болница во Скопје потребно е да уплати 20.000 евра. Загрижен, мажот тргнал кон главниот град со такси возило, но таксистот го предупредил дека станува збор за познат вид измама. По разговорот, случајот бил пријавен во полиција.
Во вториот случај, 71-годишна жена од Градско била контактирана од лице кое се претставило како лекар од болницата во Кавадарци. Ѝ било кажано дека нејзината ќерка се здобила со сериозни повреди и дека за итен оперативен зафат се потребни 30.000 евра. Жената веднаш се упатила кон болницата, но кога пристигнала сфатила дека таму нема никој што ја контактирал. По разговор со својата ќерка дознала дека станува збор за измама, по што случајот го пријавила во полиција.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и апелираат граѓаните да бидат внимателни при вакви телефонски повици, особено кога се бараат пари за наводни итни медицински интервенции.



















