По повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, началникот на СВР-Велес му додели благодарница за неговата несебична и примерна постапка. Пред неколку дена, додека одел кон училиште, Илија пронашол банкарска книшка и 23 банкноти од по 2.000 денари. Наместо да ги задржи, без двоумење ги известил своите родители, по што случајот веднаш бил пријавен во полиција, а парите и книшката му биле вратени на сопственикот, за што и објави Батали.нет.
Од СВР-Велес посочуваат дека со овој гест младиот Илија одржал вистинска лекција и за своите врсници, но и за возрасните, покажувајќи дека чесноста, одговорноста и добрината се најголемите човечки вредности. Во време кога чесноста сè почесто станува реткост, 14-годишниот велешанец Илија Гигов покажа дека вистинските вредности сè уште живеат меѓу младите.
Неговата постапка, иако тивка и скромна, е пример кој заслужува почит и внимание. Во време на секојдневни негативни вести, приказната за Илија Гигов е потсетник дека хуманоста и добрината сè уште постојат, и дека понекогаш најголемите херои се токму најмладите.



















