Тензична атмосфера и нарушен јавен ред и мир ја одбележале верската манифестација што синоќа се одржувала во велешкото село Караслари, а инцидентот завршил со приведување на три лица и напад врз полициски службеник.
Според информациите од СВР Велес, на 6 мај 2026 година околу 23:45 часот во село Караслари, полициски службеници го лишиле од слобода Г.Ј. (51) од село Долно Караслари. Претходно, за време на одржување на манифестацијата, С.Ј. (29) од Долно Караслари и Л.Х. (35) од село Кочилари, Општина Градско, го нарушиле јавниот ред и мир со дрско и непристојно однесување.
Додека полицијата преземала мерки за смирување на ситуацијата, на местото пристигнал Г.Ј., татко на С.Ј., кој започнал агресивно да се однесува и физички нападнал полициски службеник при извршување службени дејствија.
Трите лица биле приведени во полициска станица, а по извршените проверки било утврдено дека Г.Ј. и С.Ј. биле под дејство на алкохол. Кај Г.Ј. биле измерени 0,99 промили алкохол во крвта, додека кај С.Ј. биле измерени 1,06 промили.
Од СВР Велес информираат дека лицата биле задржани во полициска станица, за случајот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот ќе следуваат соодветни пријави.

















