Велешанец на возраст од 60 години пријавил во СВР Велес дека бил измамен за сума од 12.400 денари од лице кое се претставувало како полициски инспектор од Скопје.
Според пријавата, измамникот стапил во контакт со оштетениот уште во декември 2025 година, градејќи доверба преку лажно претставување. Во еден момент побарал од него да преземе пакет со брендирана облека од наводен негов колега инспектор од Неготино, при што требало да плати 200 евра со ветување дека парите ќе му бидат вратени. На договореното место во Велес, наместо со наводниот колега, оштетениот се сретнал токму со лицето од Скопје, кое му го предало пакетот и ги земало парите, доведувајќи го во заблуда.
Дополнително, според пријавеното, измамникот во два наврати го измамил и синот на оштетениот, по што ја прекинал комуникацијата. Дури тогаш семејството сфатило дека станува збор за измама. Од СВР Велес информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

















