(ФОТО+ВИДЕО) „70 години ракомет во Велес“ – Сведоштво за генерации што го живееја ракометот

Во Библиотека „Гоце Делчев“ синоќа беше промовирана книгата „70 години ракомет во Велес“, значајно дело на м-р Димитрија Андонов, кое претставува сеопфатен приказ на развојот, успесите и луѓето што ја испишувале историјата на ракометот во градот.

Промоцијата се одржа во преполна сала, исполнета со емоции, спомени и спортски дух. Меѓу присутните беа и истакнати имиња од велешкиот ракомет – иконата на клубот Пепи Манасков, легендата Ангел Кирков, долгогодишниот поддржувач Васил Нановски, како и претседателот на клубот со најмногу успеси Илинденко Стровјанов. Во салата беа присутни и најсестраниот играч на векот Тодор Мијаков – Кошот, како и ракометните легенди Васил Василев, Никола Бисинов, Тодор Тутарков и Димче Николов, но и многу други легенди од различни спортови, кои ја исполнија салата до последно место.

Agria

Трудот на Андонов, изработен со мултидисциплинарен пристап и со примена на дедуктивниот метод, нуди систематизиран преглед на историскиот развој на ракометот во Велес. Делото е поделено на три тематски целини – два периода од по дваесет години и еден од триесет години – со што се добива јасна слика за континуитетот и подемот на овој спорт.

Посебна вредност на книгата се бројните архивски фотографии, резултати и статистички податоци, со акцент на настапите на РК Борец во различни натпреварувачки лиги. Во завршницата, авторот им оддава признание на играчите, екипите и институциите кои оставиле длабока трага, претставувајќи ги како симбол на посветеност, успех и спортски интегритет.

Биографијата на авторот е тесно поврзана со темата што ја обработува. Димитрија Андонов е велешанец кој своето образование го стекнал во родниот град, а дипломирал на Правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со ракомет започнува уште во младоста како голман, по што станува дел од сениорскиот состав на Борец и дел од генерацијата што настапувала во Втората сојузна лига на поранешна Југославија.

По завршувањето на играчката кариера, Андонов останува активен во спортот преку институционален ангажман, меѓу кои и како прв претседател на Здружението на спортски ветерани во Велес, како и член на дисциплинската комисија при Ракометна федерација на Македонија.

На крајот од промоцијата, авторот упати искрена благодарност до сите што придонеле за создавањето на делото – истражувачкиот тим, легендата Ангел Кирков, како и уредникот Ристо Сугарев за техничката обработка на материјалот и неговото обликување во целина. Дизајнот на книгата е дело на Тоше Андонов, додека за стручниот осврт се погрижи рецензентот Орце Ставревски.

Посебна благодарност беше упатена и до вработените во библиотеката, особено до Димче Саздов, за овозможениот пристап до архивските материјали, кои му дале автентичност и научна тежина на трудот.

„70 години ракомет во Велес“ не е само хроника, туку и силна порака до младите генерации – да истражуваат, да паметат и да ја продолжат спортската приказна. Делото останува како траен запис за едно време, но и како инспирација за иднината на велешкиот ракомет.

Во продолжение, преку фотографиите и видеото, почувствувајте дел од атмосферата и пораките што беа упатени на оваа значајна вечер.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: