(ФОТО) Едукативна теренска работилница на Вики Клуб Велес

Учениците членови на Вики Клуб Велес денес реализираа интересна и поучна теренска работилница под водство на образовниот координатор Лила Арсова, во соработка со Здружение на граѓани Викимедија МК. Активноста беше организирана со цел учениците непосредно да се запознаат со богатството на природата, традиционалното знаење за лековитите растенија и начинот на производство на храна.

Работилницата започна со посета на локалниот пазар во Велес, каде учениците имаа можност да се сретнат со познатиот билкар Киро, кој долги години продава лековити билки. Тој им одржа кратко, но многу содржајно предавање, објаснувајќи им како се собираат лековитите билки во природата, како се препознаваат и на кој начин се користат во народната медицина. Учениците со голем интерес ги слушаа неговите совети и научија многу за традиционалната употреба на растенијата.

Agria

Во рамките на посетата, учениците разговараа и со локални производители на зеленчук. Тие накратко ги запознаа со процесот на одгледување на растенијата – од семе до готов производ. Учениците имаа можност да дознаат како се подготвува почвата, како се сади и негува растението и колку труд и посветеност се потребни за да се добие квалитетен плод.

Посебно внимание привлече и разговорот со локален пчелар, кој им раскажа за значењето на медоносните растенија и за огромната улога на пчелите во природата. Тој им објасни дека пчелите се едни од најважните опрашувачи и дека без нив многу растенија не би можеле да дадат плод.

Едукативната посета заврши во локалната земјоделска аптека, каде учениците се запознаа со различни овошни садници и научија како се препознаваат младите дрвца и по што се разликуваат. Тие имаа можност да видат и семиња од различни видови зеленчук и цвеќе, како и луковици на цветови, кромид и други култури.

Оваа теренска работилница им овозможи на учениците преку непосредно искуство да го збогатат своето знаење за природата, земјоделството и традиционалните знаења поврзани со лековитите растенија. Воедно, ваквите активности придонесуваат младите да ја развиваат љубопитноста, истражувачкиот дух и интересот за споделување знаење – вредности кои се во духот на работата на Вики клубовите.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: