Велес на крајот од март повторно ќе стане центар на театарската уметност. На 27 март започнува јубилејното, петто издание на театарскиот фестивал „5РЕ“, манифестација посветена на доајенот на македонското глумиште и велешанец Петре Прличко.
Фестивалот ќе биде отворен со премиерната изведба на претставата „Тестостерон“, во режија на Синиша Ефтимов, во изведба на актерите од велешкиот театар „Џинот“. Поради очекуваниот голем интерес, претставата ќе има и репризна изведба ден по премиерата. Програмата на фестивалот ќе трае до 8 април и ќе опфати вкупно девет театарски претстави. Освен домашни продукции, во Велес ќе гостуваат и театри од регионот, меѓу кои ансамбли од Подгорица во Црна Гора и од Врање во Србија.
Организаторите најавија дека влезниците за фестивалските претстави ќе чинат 300 денари и ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 23 март, од 10 часот. Резервации нема да бидат можни, а билетите ќе се продаваат директно на билетарницата. Фестивалот и годинава се одржува со финансиска поддршка од Општина Велес и од Министерството за култура. Општината обезбедила средства во висина од 800 илјади денари, додека Министерството учествува со 408 илјади денари.

Како и во претходните години, фестивалот ќе додели повеќе награди, меѓу кои за најдобра претстава, режија, главна машка и женска улога, споредни улоги, како и награда од публиката. Традиционално ќе биде доделено и признание за животно дело. За оценување на претставите ќе биде задолжено жири составено од актерката Зорица Панќиќ, минатогодишна добитничка на фестивалската награда, актерот Владимир Пулиев и режисерката Елеонора Теова
Организатор на фестивалот е здружението на граѓани „Плуспублика“.
















