Успешно е реализирана крводарителската акција во Јавната здравствена установа „Здравствен дом“ во Велес, на која крв даруваа вработените во оваа здравствена институција. Вкупно 24 крводарители се вклучија во акцијата, а особено радува податокот што шестмина од нив за првпат даруваа крв.
Акцијата заеднички ја реализираа Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, со поддршка од ЈЗУ „Здравствен дом“ – Велес.
Во реализацијата на акцијата беа вклучени и четворица волонтери од Клубот на млади, кои помогнаа во нејзиното непречено одвивање.
Од Црвениот крст – Велес упатуваат благодарност до сите вработени кои се одѕваа на акцијата и со својот хуман гест придонесоа во обезбедувањето на потребните количества крв за пациентите.






















