Еден од седумте активни пожари кои моментално беснеат на територијата на Македонија е лоциран токму во Општина Чашка, во близина на селото Ореше. Огнената стихија зафати ниска вегетација и букова шума, а теренот претставува сериозен предизвик за екипите кои се на терен.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, пожарот сѐ уште не е ставен под контрола, а неговото ширење дополнително се забрзува поради високите температури и ветровитото време.
Чашка не е единствената општина погодена од огнената закана. Според најновите податоци, до утрово се евидентирани вкупно 27 пожари на отворен простор низ земјата, од кои 7 се активни, 3 под контрола, а 17 се веќе изгаснати.
Надлежните институции повикуваат на зголемена внимателност и апелираат граѓаните да не палат огнови на отворено, особено во близина на шуми, пасишта и земјоделски површини.