На 23.05.2026 година, околу 02:20 часот, полициски службеници од СВР Велес спровеле акција при која ги лишиле од слобода М.А. (19) од село Долно Каласлари и Ј.П. (19) од Велес. Подоцна, во 15:15 часот, бил приведен и 17-годишен малолетник од Велес.
Според полицијата, сè започнало при сообраќајна контрола кога било запрено патничко возило „Фолксваген голф“ со велешки регистарски таблички, управувано од М.А., во кое како сопатници се наоѓале Ј.П. и малолетникот. Во моментот на контролата, малолетникот се дал во бегство, при што фрлил пари и марихуана, кои подоцна биле пронајдени и одземени.
При дополнителен преглед на возилото била пронајдена дополнителна количина марихуана, по што М.А. и Ј.П. веднаш биле лишени од слобода, а за случајот бил известен јавен обвинител.
Драмата продолжила со судска наредба, кога бил извршен претрес во домот на малолетникот во присуство на родител. Таму биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага, мобилен телефон и пари.
Малолетникот подоцна бил приведен во полициска станица и спроведен во Основно јавно обвинителство Велес, а по целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави.

























