Две изложби во Велес го оживуваат наследството на порцеланот и современата уметност

Две изложби посветени на порцеланот, индустриското наследство и современата уметност ќе ја одбележат културната вечер во Велес на 10 ноември, преку кои јавноста ќе добие редок и длабок увид во историјата на велешката фабрика „Југопорцелан“, но и во современата уметничка интерпретација на нејзиното наследство.

„Порцеланови луѓе“ – сведоштво за индустрискиот дизајн на Југопорцелан

Во Ликовниот салон во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Порцеланови луѓе – Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан ‘Борис Кидрич’ Титов Велес (1954–2003)“, резултат на едногодишен истражувачки проект кој го оживува творештвото зад едно од најзначајните индустриски имиња во поранешна Југославија.

Agria

Авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска и Екатерина Намичева Тодоровска, со соработник Ангел Коруновски, преку повеќе од 300 порцелански предмети, скици, модели, калапи, фотографии и интервјуа, ја реконструираат невидливата историја на фабриката и творештвото на нејзините дизајнери.

Изложбата ја реафирмира улогата на творците кои стоеле зад производството – Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и други уметници кои од 1955 до крајот на 90-тите ја креирале естетиката на Југопорцелан.

Проектот, организиран од Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје во соработка со Народниот музеј Велес и Државниот архив, ја осветлува „колективната невидливост“ на дизајнерите во социјалистичкиот индустриски систем – време кога творештвото било жртвувано во име на колективното производство, а архивите оставиле скромни траги за авторите.

Истражувачкиот тим потсетува дека токму недостигот од потпис, документ и биографија ја прави секоја зачувана приказна уште повредна, бидејќи открива дел од културно-уметничкиот феномен кој ја дефинирал велешката индустрија половина век.

„Куќата на порцеланот“ – современа уметничка интерпретација на индустриската меморија

Само еден час подоцна, во 20 часот, во фоајето на Театар „Џинот“ ќе биде отворена втората изложба, „Куќата на порцеланот“ – скулптури и просторни инсталации на современиот уметник и керамичар Филип Фидановски.

Изложбата, организирана во соработка со НУ Театар „Џинот“ и Народниот музеј Велес, а поддржана од Министерството за култура и туризам и неколку компании, го претставува порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање.

Кураторот Јасминка Намичева во каталогот пишува дека Фидановски создава „современа митологија“ во која фабриката станува метафора за дом, трудот – за поезија, а предметите – за сведоштва на едно време.

Меморијата, материјалот и светлината се во постојан дијалог, а „Куќата на порцеланот“ станува алегорија на создавањето – чин на оживување на формата и почит кон луѓето и местата кои ја обликувале културната топографија на Македонија.

Фидановски, роден во 1977 година во Скопје, е еден од најзначајните македонски керамичари со повеќе од три децении активна работа, богата меѓународна кариера, бројни награди, професорска дејност, учество во колонии и монографии зад себе. Неговите дела биле изложувани во Скопје, Белград, Пула, Прага, Софија, Братислава, Каиро, Париз и на десетици други локации.

Велес – град кој ја чува сопствената индустриска и уметничка меморија

Двете изложби – една посветена на историската рехабилитација, а другата на современата уметничка интерпретација – ја претвораат велешката културна сцена во место каде индустриското наследство се чита низ најразлични призми: документарна, уметничка, едукативна и симболична.

И двете отворања се закажани за 10 ноември, најпрво во Ликовниот салон на Народниот музеј Велес во 19 часот, а потоа во Театар „Џинот“ во 20 часот. Публиката ќе има ретка можност да го почувствува порцеланот – како материјал, како историја и како уметност – преку две различни, но меѓусебно поврзани приказни.

 


Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: