Жителите на улицата Ѓорѓи Димитров во Велес веќе две недели се соочуваат со сериозен проблем, по улицата постојано течат отпадни води, проследени со непријатна миризба и потенцијална закана за здравјето.
Граѓаните тврдат дека состојбата станува сè полоша од ден на ден, а покрај лошата миризба, се зголемува и ризикот од зарази, особено во летниот период кога температурите се високи. Велат дека проблемот најверојатно доаѓа од канализационата мрежа и дека бил пријавен до Јавното комунално претпријатие Дервен, но досега немаат добиено никаква реакција или интервенција на терен.
Од ЈКП Дервен, пак, имаат поинакво објаснување. Во писмен одговор за Батали.мк, од претпријатието велат дека нивните екипи извршиле увид на терен и утврдиле дека не се работи за дефект на канализационата линија.
„Нашите вработени извршија увид на ул. Ѓорѓи Димитров и утврдија дека водата што тече по улицата не е предизвикана од дефект на канализација. Според нашите стручни лица, водата е резултат на прекумерно наводнување и миење на дворовите од страна на жителите. Реагирано е кај нив и водата повеќе не тече по улицата“, наведуваат од ЈКП Дервен.