Хуманоста и љубовта кон книгата ќе се обединат во вторник во Велес, на промоција на книга „Приказни за оние што ги нема“ од група автори, чија цел е да се помогне во лекувањето на велешанката Ивана Герасимов.
Ивана подолго време се лекува од леукемија, а за продолжување на терапијата потребно е лекувањето да го продолжи во Турција.

Промоцијата ќе се одржи во медијатеката на велешката библиотека „Гоце Делчев“, со почеток во 18 часот. Книгата ќе се продава по цена од 400 денари, а сите средства од продажбата ќе бидат донирани за лекувањето на Ивана.
На настанот ќе има и дополнителни донирани книги од други автори, па присутните ќе можат да изберат и други книжевни дела. Почетната цена на овие книги ќе биде 200 денари, а и средствата од нивната продажба ќе бидат наменети за оваа хуманитарната акција.






















