Хуманитарна оперска гала вечер за поддршка на лицата со попреченост ќе се одржи на 20 декември во Велес

Хуманитарна оперска гала вечер за поддршка на лицата со попреченост ќе се одржи во сабота, на 20 декември 2025 година, во Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, со почеток од 19 часот.

Настанот го организира Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, овластен и лиценциран давател на социјалната услуга „Живеење со поддршка“. Гала вечерта е прв настан од кампањата „Заедно за нов дом“, која ќе се реализира во текот на 2026 година, со цел запознавање на јавноста со услугата „Живеење со поддршка“ и проширување на нејзините капацитети преку отворање на четири нови мали групни домови.

Agria

Во предновогодишна атмосфера, публиката ќе има можност да ужива во настапите на еминентни македонски оперски уметници: сопранистките Полина Тасева, Вариса Хајдарпашиќ, Вероника Караколева и Магдалена Тодоровска, тенорот Влатко Груевски и бас-баритонот Дарко Тодоровски. Уметниците ќе настапат во придружба на пијанистките Фросина Џини и Андреј Наунов, кој воедно ќе биде и диригент на вечерта.

Целосниот приход од продажбата на влезниците е наменет за поддршка на корисниците на услугата „Живеење со поддршка“, која овозможува независно живеење во станбени единици со 24-часовна поддршка од стручни лица и негуватели, како и помош во секојдневните активности, социјализација и интеграција во заедницата.

Донациските влезници се по цена од 1.000 денари и може да се набават во билетарата на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, како и од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: